Од кога се пишуваат писма?!

Живееме во време на интернет, мобилни телефони и компјутери каде пораките се испраќаат во дел од секунда. Денес е многу лесно да комуницираме со другарчињата, а уште полесно е да останеме во контакт со роднините во странство.

Но, ова не било баш лесно во времето кога растеле нашите родители.

Дали некогаш сте напишале или добиле писмо?

Денес е светскиот ден на писмото, традиција која полека заминува во историјата, но секогаш е добро да се потсетиме на неа.

Луѓето започнале да пишуваат писма пред околу 5500 години, кога трговците почнале да употребуваат знакови во облик на сликички или симболи. Откривањето на писмата доаѓа кога во светот се јавуваат првите цивилизации, со што се означува крај на праисторијата.

Писмо е секое пишано соопштение кое пристигнува во плико, а го добиваме од чичко поштар. Пред да се создаде професија поштар, писмата ги пренесувале самите луѓе, но голема улога имале и гулабите. Гулабите писмоносци биле главен начин на комуникација на војската во време на војни. Овие гулаби биле специјално дресирани и носеле пораки, мапи, фотографии, па дури и звучни снимки.

Кога сме кај традицијата, најубавите писма некогаш доаѓаа во форма на разгледници. Една од работите без кои едно патување било тешко да се замисли се разгледниците до семејството или пријатели. Разгледница е еден вид честитка со многу убава фотографија од местото кое го посетувале. Меѓутоа, откако настапи генерацијата на мобилни телефони и напредната технологија, разгледници нема, туку фотографии од одмор се постираат веднаш на интернет.
Со другарчињата разговарате на телефон или се допишувате на социјалните мрежи, но нашите родители испраќале писма до непознато другарче. Со месеци се допишувале со деца од други градови во нашата земја со кои се запознавале преку писмата, а доколку другарството прераснело во вистинско, се запознавале и лично.

Ви ја прераскажавме убавата традиција на испраќање писма. За жал денес тие се заменети со смс пораки и пораки на фејсбук, вибер или скајп. Тоа ни одалеку не ја доловува возбудата, магијата и топлината кога ќе добиете писмо, ќе го отворите пликото и ќе седнете да читате нешто што вашите блиски и сакани го напишале со љубов и топлина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

ПРОДУКЦИЈА: